На 16 мај 2025 година во Скопје се одржа јавниот настан „Унапредување на зелената инфраструктура во Западен Балкан”, организиран од Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени (ИПЕК) со поддршка од Фондацијата Отворено Општество – Западен Балкан (OSF-WB), во рамките на Игнита Иницијативата.
Настанот претставуваше значајна платформа за дијалог и размена на добри практики во областа на зелената инфраструктура, која се смета за предуслов за климатска отпорност, економски развој и европска интеграција на регионот.
Настанот ги обедини високите претставници од владите на земјите од Западен Балкан, институциите на ЕУ, граѓанското општество, меѓународните партнери и експерти за зелена транзиција. Главниот фокус беше ставен на подобрување на инвестициите во зелена инфраструктура, исполнување на барањата што произлегуваат од преговорите на ЕУ за Поглавје 27 и обезбедување доволен капацитет на соодветната администрација во Западен Балкан. Во овој контекст, панелистите ги споделија и своите перспективи за клучните предизвици и тесни грла што продолжуваат да го попречуваат ефикасното апсорбирање на средствата од ИПА III во регионот на Западен Балкан. Дискусиите се фокусираа на практичните искуства и научените лекции, со цел информирање за рамката за дизајнирање и имплементација на идниот инструмент за претпристапна помош во финансиската перспектива на ЕУ по 2027 година, особено во однос на имплементацијата на зелените инвестиции.
Првиот заменик-премиер и министер за животна средина и просторно планирање, г-дин Изет Меџити, ја истакна важноста на изградбата на одржлива инфраструктура како неопходност, а не избор. Тој изјави: „Начинот на кој ги обликуваме нашите инфраструктурни проекти директно влијае врз квалитетот на животот, економската стабилност, заштитата на животната средина и отпорноста на нашите заедници на климатските промени. Стратешките инвестиции во инфраструктура која ги зема предвид климатските ризици и аспектите на биолошката разновидност претставуваат моќна алатка за забрзување на економскиот развој, создавање нови зелени работни места, поттикнување на иновации и исполнување на Целите за одржлив развој до 2030 година.“
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, потенцираше дека тешката индустрија мора да се трансформира во двигател на одржливоста: „Стратешките инвестиции во зелена инфраструктура го забрзуваат економскиот развој и се клучен дел од патот кон полноправно членство во Европа за земјите од Западен Балкан.“
Г-ѓа Јадранка Иванова од ИПЕК повика на зајакнување на меѓусекторската и меѓурегионалната соработка: „Зелената инфраструктура претставува суштински дел од Зелената агенда за Западен Балкан и нејзината имплементација мора да биде стратешка, финансиски одржлива и заснована на учество на сите релевантни чинители, вклучувајќи ги и граѓаните и локалните заедници.“
Од страна на Фондацијата OSF-WB, г-ѓа Адријана Лавчиска ја нагласи важноста на граѓанското општество како мост помеѓу политиките и потребите на заедниците: „Поддршката на одржливи проекти и политики кои обезбедуваат почиста животна средина, зелени работни места и правична транзиција е во сржта на нашата мисија.“
Претставниците на ЕУ Делегациите во земјите од Западен Балкан и регионалните институции ја истакнаа потребата од зголемување на административниот капацитет за спроведување на инвестиции, како и зајакната координација меѓу националните институции, економските оператори и локалната самоуправа.
Настанот заврши со јасна порака: Пристапот базиран на партнерство помеѓу националните власти и службите на Европската комисија е од суштинско значење за подобрување на ефикасноста во спроведувањето на ИПА и забрзувањето на напредокот на зелените инвестиции. Покрај тоа, партнерството е еден од клучните принципи при спроведување на Политиката за кохезија на ЕУ, што е уште една од причините зошто ИПА го подготвува Западен Балкан за идното членство во ЕУ. Само преку стратешки пристап, интеграција на климатските ризици во сите политики и силна соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор може да се постигне одржлива и зелена иднина за регионот.