За време на Форумот на граѓанско општество (CSF) во 2023 година, одржан во рамките на Берлинскиот процес, Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – IPECC Скопје, ја предводеше Тематската работна група за клима и зелена агенда, што резултираше со креирање вреден Документ во кој се презентираат три клучни препораки кои ја нагласуваат важноста од унапредување на зелената инфраструктура, зголемување на финансирањето од ЕУ и зајакнување на административните капацитети за прашања поврзани со животната средина и климата кај земјите на WB6. Имајќи ја предвид клучната улога на Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан (GAWB), стана очигледно дека е потребна итна акција за унапредување на нејзината имплементација и давање приоритет на зелените инвестиции како основни елементи за исполнување на нејзините цели.
Затоа, со цел понатамошно истражување на главните пречки за ефективна имплементација на GAWB и можностите за финансирање на зелената инфраструктура во WB6, на 30 април 2024 година, IPECC потпиша договор со Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан (OSFWB), за спроведување на проектот со наслов „Унапредување на зелената инфраструктура во Западен Балкан 6“.
Примарната цел на проектот е IPECC, поддржан од граѓански организации, академски институции, синдикати, експерти во релевантни области од регионот на Западен Балкан и различни тинк тенкови од земјите-членки на ЕУ, да оствари средби со креаторите на политики на национално, регионално и ниво на ЕУ, како што се националните ИПА координатори, министерствата за финансии и животна средина и претставниците на ЕК, и да се залага за унапредување на зелените инвестиции преку нивно интегрирање во стратегиите за животна средина и приоритизирање на финансиската поддршка од ИПА, вклучувајќи и спроведување на мерки за поттикнување на соработката во рамките на шесте земји од Западен Балкан.
Зелената инфраструктура е од клучно значење за пристапот во WB6 во ЕУ. Иако во различни фази од процесот, земјите од WB6 споделуваат слични предизвици. Олеснувањето на имплементацијата на GAWB во WB6 со посебен фокус на зелената инфраструктура, ќе резултира со забрзување на пристапувањето во ЕУ и подобрување на животниот стандард на луѓето. Од оваа перспектива, проектните активности директно ќе придонесат за справување со споменатите предизвици и што е уште поважно, ќе го стимулираат дијалогот меѓу WB6 во врска со овие прашања.
Овој проект е поддржан од Фондацијата Отворено општество Западен Балкан – OSFWB, во рамките на иницијативата ИГНИТА.