Како дел од активностите за застапување на целите на Форумот за Граѓанско Општество, на 20.07.2023, претставници на ИПЕК и Фондацијата Отворено Општество – Македонија, остварија средба со Министерката за Животна средина и просторно планирање, Каја Шукова. Во рамките на Форумот за Граѓанско Општество, при Берлинскиот процес, ИПЕК ја води тематската работна група за „Клима и зелена агенда“.
На средбата се дискутираше за начините на вклучување и поддршка на Министерството во процесот на реализирање на активностите на работната група за Клима и зелена агенда, со цел да придонесе кон дефинирање на препораките кои ќе бидат презентирани пред лидерите на земјите членки на ЕУ и на Западен Балкан на овогодишниот завршен самит на Берлинскиот процес, во октомври, во Тирана.
Министерката истакна дека заедничката соработка со граѓанските организации е неопходна. Таа нагласи дека ги поддржува сите процеси кои придонесуваат кон приближување на Северна Македонија кон Европското семејство, како и продлабочување на регионалната соработка во областа на животната средина и климата.
На средбата, на која се дискутираа прашања опфатени во тематската работна група за „Клима и зелена агенда“, се заклучи дека инвестициите во зелена инфраструктура и поддршката што се добива од страна на ЕУ и другите донатори се значајни за постигнување на обврските од Поглавјето 27, при што регионалната соработка може да донесе многу придобивки. Неопходно е понатамошно зголемување на инвестициите кои што треба да бидат пропратени со подобрување на капацитетите на централните и локалните органи. Воедно, во зелените инвестиции треба подеднакво да бидат застапени и инвестициите во подобрување на биодиверзитетот и зачувувањето на природните ресурси.
Министерката исто така наведе дека финалните препораки на трите клучни теми на работната група треба пред се да бидат применливи и одржливи и да ги опфатат сите сектори на општеството, вклучувајќи ја и локалната самоуправа како еден од клучните органи за спроведување на законодавството и политиките за животна средина.
Главната тема на тематската работна група е „Инвестиции во зелена инфраструктура“, со дополнителен фокус на темите „Доброто владеење во животната средина“ и „Биодиверзитет и зачувување на природните ресурси“.
Овогодинешниот Форум за граѓанско општество и тинк-тенк организации (CSF) го организираат Фондациите Отворено општество – Западен Балкан (OSFWB), со мандат од Владата на Албанија како актуелен претседавач со Берлинскиот процес, а во партнерство со Грчката фондација за европска и надворешна политика (ELIAMEP) и Институтот за соработка и развој (CDI). Форумот, организиран како дел од Самитот на Берлинскиот процес кој ќе се одржи во октомври 2023 година во Тирана, има за цел да ја поттикне регионалната соработка, да ги зајакне реформите поврзани со ЕУ и да го поддржи процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан.