Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – Скопје (ИПЕК), преку договор со Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП) и Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), обезбедува поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање (MЖСПП) во изработка и усвојување на Законот за заштита на почвите во Република Северна Македонија. Целта на законот е да воспостави правна рамка за развој и зајакнување на националната политика и институционалните капацитети за одржливо управување со земјиштето.

Почвата е ограничен, уништлив, незаменлив и необновлив природен ресурс и еколошки медиум кој е од суштинско значење за нашата земја. За формирање на почвата ѝ се потребни повеќе од еден човечки животен век. За да се обезбеди здрава почва сега и во иднина, потребни се обврзувачки цели и конкретни активности за постигнување на нејзина заштита. Според процените на Европската Унија, годишно се губат приближно 970 милиони тони почва во земјите-членки, пред се поради ерозија предизвикана од дожд, загадување или нејзино запечатување од изградба на објекти.

Почвата има клучна улога во обезбедување на храна за сите живи суштества на планетата земја. Воедно, од тоа колку е здрава почвата зависи безбедноста на храната што се произведува. Затоа е неопходно да се воспостават правила за нејзина заштита.

Здравата почва има значајна улога и во борбата со климатските промени преку складирање на големи количини јаглерод диоксид и други стакленички гасови. Таа претставува втор најголем јаглероден резервоар по океаните, и складира повеќе јаглерод отколку шумите, па дури и трипати повеќе од атмосферата. Безбедноста на храната зависи од одржувањето на здравјето на почвата.

Главната цел на Законот е да се постави рамка на правила, обврски и мерки за спречување на неразумното користење на почвата, за заштита на нејзините квалитети, зачувување на нејзиното здравје, зачувување и заштита на бројни еколошки функции важни за здравјето на луѓето, растенијата и животните, како и за регулирање на нејзината употреба со цел да се спречат или елиминираат штетните промени кои може да настанат во почвата. Законот ја утврдува заштитата на почвата како активност од јавен интерес за која треба да се грижат сите правни и физички лица.