Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – Скопје (IPECC), во рамките на Берлинскиот процес ја организира тематската работна група „Клима и зелена агенда“ при Форумот за граѓанско општество и тинк-тенк организации за 2023 година. Форумот претставува серија настани за поттикнување дијалог, споделување најдобри практики и развивање препораки за политики меѓу претставниците на граѓанското општество и експертите од Западен Балкан. Форумот, организиран како дел од Самитот на Берлинскиот процес кој ќе се одржи во октомври 2023 година во Тирана, има за цел да ја поттикне регионалната соработка, да ги зајакне реформите поврзани со ЕУ и да го поддржи процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан.
Во тематската работна група „Клима и зелена агенда“ активно ќе учествуваат дваесетина претставници од граѓански и тинк-тенк организации од Западен Балкан, експерти во областа, како и претставници од меѓународни организации. Работната група ќе го фокусира консултативниот процес на тема „Зелени инвестиции во инфраструктурата“, со дополнителен фокус на „Добро владеење во животната средина“ и „Биодиверзитет и заштита на природните ресурси“. Трите теми се тесно поврзани и меѓусебно зависни и претствуваат дел од главните предизвици и потреби за реформи во земјите од Западен Балкан.
IPECC го започна консултативниот процес со подготовка на документи за состојбите, предизвиците, приоритетите и развојот на политиките во секоја од шесте земји од Западен Балкан. Документите ќе бидат подлога за широка расправа на работните онлајн состаноци на секоја тема поединечно, кои ќе се одржат во втората половина од јули 2023. Консултативниот процес ќе биде заокружен со јавен настан кој ќе е одржи во Скопје во септември 2023, на кој ќе се дефинираат овогодинешните препораки на Форумот на граѓанското општество на тема „Клима и зелена агенда“. Препораките ќе бидат презентирани пред лидерите на Западен Балкан, на самитот во Тирана.
Овогодинешниот Форум за граѓанско општество и тинк-тенк организации (CSF) го организираат Фондациите Отворено општество – Западен Балкан (OSFWB), со мандат од Владата на Албанија како актуелен претседавач со Берлинскиот процес, а во партнерство со Грчката фондација за европска и надворешна политика (ELIAMEP) и Институтот за соработка и развој (CDI).