Во напорите да се забрза патот кон позелени економии и да се имплементира Зелената агенда, а најважно да се поттикне интегративниот процес на земјите од Западен Балкан во ЕУ, тематската работна група „Клима и зелена агенда“, предводена од Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – Скопје, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) на 26 септември го организираше меѓународниот јавен настан „Клима и Зелена агенда“ како дел од процесот на подготовка на препораките на Форумот за граѓанско општество за Самитот на Берлинскиот процес во 2023 година.
На настанот, организиран како платформа за дијалог меѓу владините претставници, приватниот сектор, ЕУ и меѓународните организации, како и граѓанските организации од земјите од Западен Балкан се дискутираше на три клучни теми „Инвестиции во зелена инфраструктура“, „Доброто владеење во животната средина“ и „Биодиверзитет и зачувување на природните ресурси“.
На настанот учествуваа Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, Штефан Худолин, раководител на Сектор операции од Делегацијата на ЕУ, Алмира Џембула, заменик министерка за туризам и животна средина на Република Албанија, како и бројни меѓународни експерти и претставници од јавни институции и граѓански организации од западнобалканските земји.
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, во своето воведно обраќање ги поздрави напорите и соработката со граѓанскиот сектор во сите процеси кои придонесуваат кон приближување на Северна Македонија кон Европското семејство, како и кон продлабочување на регионалната соработка во областа на животната средина и климата.
Таа истакна дека Министерство вложува значителни напори во пристапниот процес, преку ефективно транспонирање на релевантните директиви на ЕУ во нашето законодавство, придружено со планирање и спроведување на мерки и активности усогласени со целите на Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан.
„На патот кон ЕУ се соочуваме со низа предизвици кои се карактеристични и за другите земји од Западен Балкан. Финансиските ресурси со кои располагаме за зелената инфраструктура се ограничени. Административните капацитети, како на национално, така и на локално ниво сè уште не го достигнале нивото за ефективна апсорпција на расположливите средства. Овој двоен предизвик е комплексен кој бара активности од сите засегнати страни и е добро документиран во годишните извештаи на Европската комисија, а придружните препораки секогаш служеле како конкретни насоки за потребните реформи.“ нагласи министерката Шукова.
Штефан Худолин истакна дека предизвици имало и ќе има, но, како што рече „од нив мора да направиме можности кои вклучуваат инвестиции во зелени технологии и инфраструктура“.
„Владите имаат клучна улога да ја постават правната рамка и да воведат политики кои ќе го интензивираат овој процес“ нагласи Худолин, дополнувајќи дека националните буџети мора да одвојат дел за заштита на биодиверзитетот.
Учесниците посочија голем број прашања кои сè уште претставуваат предизвик за имплементацијата и усогласување со барањата на законодавството на ЕУ за Поглавје 27 и спроведувањето на „Зелената агенда“, особено во обезбедување на потребната зелена инфраструктура.
Најзначајна е разликата помеѓу потребните и расположливите финансиски средства, првенствено канализирани преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Дополнителен предизвик е и фактот што дури и расположливите средства не се целосно искористени поради несоодветен административен капацитет на национално и на локално ниво. Заемите остануваат доминантен инструмент за надворешно финансирање за инвестиции во сите земји од Западен Балкан, што претставува економски притисок кој не ги стимулираат инвестициите во зелената инфраструктура. Како решение за овој проблем се гледа можноста доделувањето ЕУ средства да се заснова на солидарност, преку фонд кој ќе биде управуван на сличен начин како кај Европските структурни фондови, вклучувајќи ги сите нивоа на власти и чинители.
Неефикасното искористување на финансиски средства во животната средина поради ограничувањата на административните капацитети во сите земји од Западен Балкан е тесно поврзано со доброто владеење. Потребна е институционална компетентност, како и силни и посветени административни капацитети за имплементација на сложеното право на ЕУ за животната средина и климатските промени, како на национално така и на локално ниво. Учесниците сметаат дека сеопфатен пристап на градење капацитети, управување со фондови и стратешки политики за задржување на персоналот во администрацијата, ќе ја потврди посветеноста на земјите од Западен Балкан за добро владеење и исполнување на барањата на ЕУ во животна средина и клима.
За да постигнат климатска неутралност, земјите од Западен Балкан мора да инвестираат во биодиверзитетот и заштитата на природните ресурси. А тоа значи да ги усогласат своите политики со Стратегијата за биолошка разновидност на ЕУ за 2030 година, да создадат мрежа на добро управувани заштитени подрачја, како и заштита на најмалку 30% од копнената и 30% од поморската површина. Едновремено, учесниците предлагаат ЕУ да воспостави механизам со кој најмалку 30% од финансирањето поврзано со клима ќе биде насочено во решенија за заштита на биодиверзитетот и природа.
Подеднакво важно е што овие процеси зависат и од активното вклучување на приватниот и на банкарскиот сектор. ЕУ и земјите од Западен Балкан треба да обезбедат доволна финансиска и административна поддршка за приватниот сектор во регионот и да го охрабрат да вложува постојани напори кон сина и зелена/циркуларна економија. Управувањето со отпадот, рециклирањето, одржливото производство и ефикасното искористување на ресурсите, како и финансиски услуги на комерцијалниот банкарски систем во земјите од Западен Балкан треба да се усогласат со барањата за животната средина на ЕУ.
Настанот е дел од активностите на тематската работна група „Клима и зелена агенда“ за подготовка на препораки за климата и зелената агенда, кои ќе бидат презентирани пред лидерите на земјите членки на ЕУ и на Западен Балкан на овогодишниот завршен самит на Берлинскиот процес, кој ќе се одржи во октомври, во Тирана.
„Форум за граѓанско општество и тинк-тенк организации“ за 2023 го организираат Фондациите Отворено општество – Западен Балкан, со мандат од Владата на Албанија како актуелен претседавач со Берлинскиот процес, а во партнерство со Грчката фондација за европска и надворешна политика (ELIAMEP) и Институтот за соработка и развој (CDI).