На 29 ноември во Скопје (ИПЕК) IPECC го организираше хибридниот состанок за политики под наслов „Дали ЕУ и нејзините „зелени“ инвестиции ги исполнуваат очекувањата на земјите од Западен Балкан: Можности и предизвици за зелените инвестиции“.
Состанокот започна со поздрав и воведен говор на претседателката на IPECC, г-ѓа Јадранка Иванова и програмскиот менаџер на Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан (OSF-WB), г-ѓа Адријана Лавчиска, а продолжи во дебата на која истакнати експерти дискутираа за начините за успешно реализирање на зелените инвестиции, идентификувајќи предностите, можностите, слабостите и заканите за усогласување на претпристапната помош со целите и оперативната логика на кохезионите фондови на ЕУ.
На почетокот од првата сесија беше презентиран документ со политики од страна на г-ѓа Радица Коцева, експерт за управување со ИПА, кој опфаќа краткорочни и среднорочни препораки за унапредување на претпристапната помош на ЕУ и дава одговор на прашањето дали обезбедената финансиска и техничка поддршка од ЕК е доволна за постигнување вистински зелен и одржлив Западен Балкан. Според документот, Северна Македонија се наоѓа на добар пат во однос на планирањето на зелените инвестиции, со вкупно учество од приближно 47% и 45% од вкупните алокации, вклучувајќи го и учеството на ЕУ. Ова ја позиционира земјата меѓу првите три во Западен Балкан, која им дава висок приоритет на зелените инвестиции кои се финансираат од ЕУ.
Состанокот продолжи во фасилитирана дискусија помеѓу панелисти кои припаѓаа на различни институции од регионот на Западен Балкан и земји членки на ЕУ. Првиот панелист, г-дин Никола Бертолини, Раководител на секторот за соработка на ЕУ Делегацијата во Србија, ја истакна важноста од повторно разгледување на одобрените проекти со цел да се оцени нивната спремност за имплементација. Тој посочи дека Северна Македонија служи како одличен пример за тоа што може да се постигне, што е резултат на примена на холистички пристап: комбинирање на инвестиции во инфраструктурата, зелени реформи, прилагодување на тарифите за вода и насочени мерки за техничка помош.
Г-ѓа Бранкица Цмијановиќ, одговорно лице за Зелената агенда за Западен Балкан и раководител на Дирекцијата за унапредување на животната средина од Министерството за екологија, просторно планирање и урбанизам на Црна Гора, се приклучи на дискусијата онлајн. Г-ѓа Цмијановиќ ја истакна новата финансиска перспектива на Црна Гора (2021–2027), која се темели на лекциите од претходните периоди. Програмата се фокусира на усогласување на приоритетите за животната средина со одредниците на ЕУ за затворање на Полгавјето 27, поддршка на проекти како што се воспоставување мрежи на Натура 2000, градење капацитети и подобрување на административните способности. Таа истакна дека проценетиот трошок за спроведување на Акциониот план за за затворање на Поглавјето 27 е 483 милиони евра, иако оваа бројка може да се зголеми.
Втората сесија ја опфати темата за можностите и предизвиците при спроведување на зелените инвестиции. Во оваа сесија учествуваше г-ѓа Евгенија Серафимовска-Кирковски, раководител на Секторот за координација на ЕУ фондовите и друга странска помош и раководител на НИПАК при Министерството за европски прашања на Северна Македонија. Таа истакна дека успешните проекти зависат од соработката помеѓу централната и локалната власт, од активна политичка поддршка на општинско ниво, особено во секторот за животна средина, и од поттикнување на подобра координација при решавање на инфраструктурните приоритети и обезбедување непречено спроведување на проектите.
Дискусијата продолжи со фокус на двојниот предизвик при транзицијата кон обновливите извори на енергија и одржувањето на енергетската безбедност, поканувајќи ја г-ѓа Андријана Нелкова -Чучук, комесар во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Северна Македонија и раководител на економскиот оддел, како и претседател на Регионална асоцијација на регулатори за енергетика. Таа го истакна клучното значење на инвестициите во енергетската инфраструктура, особено потребата од забрзување на имплементацијата на инвестициите во обновливите извори на енергија, поддржани од ЕУ и меѓународните финансиски институции.
На третата сесија, опфаќајќи ја темата „ИПА III како подготовка на политиката за кохезија“, г-дин Адријан Тебан, градоначалник на градот Кугир, од округот Алба во Романија ја истакна важноста локалните и националните власти да работат во партнерство со цел да се обезбеди успешно планирање, подготовка и имплементација на проектите кои се финансираат од ЕУ Кохезионите фондови. Овие фондови ги истанка како клучни за подобрување на состојбата на локалното население посочувајќи ги примерите на градот Кугир.
Г-дин Џорџ Кремлис, член на Одборот на директори на Европската организација за јавно право и директор на Институтот за циркуларна економија и клима на Грција, изрази заложби за развој на сеопфатен национален план за циркуларна економија во кој треба да се вклучат во различни сектори, како земјоделството, туризмот и индустријата, за да се создадат одржливи модели на производство и потрошувачка. Тој нагласи дека општините играат клучна улога во овие напори, бидејќи тие се одговорни за управување со отпадот и обезбедување соодветна инфраструктура за третман на отпадот и управување со водите.
Состанокот заврши со главниот заклучок дека зелените инвестиции можат значително да придонесат за исполнување на барањата од законодавството на ЕУ, а нивното спроведување директно го поддржува процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан (WB6) во ЕУ. Подобрувањето на националните капацитети за програмирање и управување со инвестиции во зелена инфраструктура се смета за основен столб за успешна имплементација. Земјите од Западен Балкан треба да практикуваат партнерски пристап на сите нивоа, вклучително и координација и соработка помеѓу локалните и централните институции, или со граѓанските организации при идентификувањето на приоритетите за финансирање, како клучен предуслов за стекнување сопственост во спроведување на проекти за „зелена инфраструктура“.
Хибридниот состанок за политики беше организиран како дел од проектот „Унапредување на зелената инфраструктура во Западен Балкан 6“ кој е поддржан од Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан – OSFWB, во рамки на иницијативата именувана како ИГНИТА.