Тематската работна група „Клима и зелена агенда“, како дел од Форумот за граѓанско општество и тинк-тенк организации за 2023 година во рамките на Берлинскиот процес, на 4 Септмеври го одржа првиот тематски консултативен состанок посветен на „Инвестиции во зелена инфраструктура“ во организација на Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени.
Консултативниот состанок, одржан со учество на 31 експерт, претставници од различни институции и граѓански организации од западнобалканските земјите означува почеток на заедничките напори на граѓанската платформа, насочени кон истражување и решавање на различните можности, потенцијали и придобивки поврзани со одржливиот развој и зелените инвестиции, како и нивното потенцијално влијание врз регионот. На средбата се разговараше за неколку основни аспекти од суштинско значење за разбирање на важноста на инвестициите во зелена инфраструктура, нивното значење за секојдневниот живот на граѓаните, влијанието што го имаат врз економиите на земјите од Западен Балкан (ЗБ) и за пристапувањето во ЕУ.
Состанок го отвори Јадранка Иванова, претседателка на Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени, а се обратија и панелистите Радица Коцева, експертка за управување со ИПА фондови, Жил Кител, тим лидер во Генералниот директорат за регионална и урбана политика при Европската комисија, Евгенија Серафимовска Кирковски, раководител на сектор при Секретатијатот за европски прашања на РСМ, Јоханес Хајдекер, советник за зајакнување на капацитетот на економскиот тим во Канцеларијата на претседателот на Владата на РСМ, Љупка Силјаноска, замник директор на на Секретеријатот на Транспортната заедница, Сабина Љаљај, претставничка на канцеларијата на ревизорската куќа Дилојт во Тирана и Стела Адеми, проектен менаџер при Институтот за соработка и развој од Тирана.
Учесниците се согласија дека инвестирањето во зелена инфраструктура е начин напред кон економски раст и благосостојба на граѓаните, преку создавање подобрени услови за живот и поттикнување одржлива животна средина. Но, исто така сметаат дека голем број значајни прашања кои сè уште претставуваат предизвик за имплементацијата на зелената инфраструктура во Западен Балкан.
Еден од главните предизвици е значителната разлика помеѓу висината на финансиски средства потребни за зелени инвестиции, за Западен Балкан да се усогласи со барањата на ЕУ за Поглавје 27 и „Зелената агенда“, и достапноста на финансиските извори, првенствено канализирани преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Понатаму, предизвик лежи и во фактот што дури и расположливите средства не се целосно искористени поради несоодветниот административен капацитет на националните власти. Дополнително, заемите остануваат доминантен инструмент за надворешно финансирање за инвестиции во сите земји на ЗБ, што претставува економски притисок кој не ги стимулираат инвестициите во зелената инфраструктура.
Како потенцијално решение би можело да се земе предвид можноста доделувањето ЕУ средства да се заснова на солидарност, на сличен начин како кај Европските структурни и Инвестициски фондови за Западен Балкан. Ваквиот начи би обезбедил значителна финансиска поддршка и униформност во ЗБ, иако не без предизвици поврзани со капацитетот и усогласеноста со стандардите на ЕУ. Земјите од Западен Балкан веќе се соочуваат со предизвици во ефикасното искористување на средствата поради ограничувањата на административните капацитети. Па пристапот до повеќе средства може дополнително да предизвика доцнења во спроведувањето проектите и потенцијално повеќе непотрошени средства. Балансирањето на овие фактори е од суштинско значење за да се обезбеди ефективно искористување на средствата и да се олесни одржливиот развој во регионот.
Регионалната соработка во зелените инфраструктурни проекти и консолидиран развој на капацитетите за апсорпција, промовирање на синергии и избегнување на дуплирањето проекти може да биде патот напред за земјите од ЗБ. Создавањето регионален центар за инфраструктура, кој ги опфаќа и конвенционалните и зелените иницијативи, претставува ветувачки пристап за рационализирање на управувањето со проекти и поттикнување одржлив развој во регионот.
Учесниците потсетија дека Инвестициската рамка на Западен Балкан-WBIF, заедничка иницијатива на ЕУ, финансиските институции, билатералните донатори и корисници, веќе ја нуди регионалната перспектива и соработка. Но, не смееме да се заборави дека сите земји од Западена Балкан се борат со основните домашни инфраструктури, како што се управувањето со отпад, третман на вода, отпорност на поплави и пожари, итн.
Во врска со соодветното планирање, учесниците се согласни дека постојат бројни стратегии, но евидентен е недостатокот на меѓусебна поврзаност. Стратегиите треба да се планираат на секторско ниво, а не спред тесните надлежности на министерствата. Дополнително, земјите од ЗБ треба да имаат долгорочни национални планови, врз основа на кои ќе носат подетални планови кои замаат предвид многу поврзани прашања.
Учесниците за панел дискусијата се едногласни дека најитно треба да се преземат активности за решавање на недостатокот во административните капацитети. Потребни се компететнтни лица со стручност за планирање и спроведување зелени инфраструктурни проекти. Понатаму, овие капацитети треба се поттик зс работна култура во јавната администрација која треба да се ориентира кон резултати и кон решавање на проблемите. Овој пристап е клучен за подобрување на апсорпцијата на фондовите на ЕУ, како и за унапредување на други критични цели, вклучувајќи го економскиот раст, подобрувањето на животната средина и благосостојбата на граѓаните.
Транспарентноста е исто така клучна, не само во програмирањето на средствата, туку и во реализацијата на проектите финансирани од национални или од меѓународни фондови, како што се фондовите на ЕУ. Транспарентноста е критичен елемент за поголема одговорноста, што е од суштинско значење за разбирање на вистинските причини за неуспешните проекти. Тоа ќе помогне да се расветлат прашањата дали доцнењето е резултат на бирократски препреки, недостатокот на капацитети или дури пак корупција.
Еден од начините за подобрување на промоцијата на зелената инфраструктура е зајакнувањето на зелените инвестиции во приватниот сектор. За да се постигне ова, владите на земјите од Западен Балкан треба да воспостават поволна средина и да спроведат мерки за поддршка и поттикнување иницијативи за зелена инфраструктура во приватниот сектор. На овој начин, и јавниот и приватниот сектор, под надзор на граѓанското општество, можат заеднички да преземат одговорни активности за унапредување на зелената инфраструктура.
Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – Скопје (IPECC) ја предводи работната група „Клима и зелена агенда“, која што го фокусира процесот на консултации на тема „Зелени инвестиции во инфраструктурата“, со дополнителен фокус на „Добро владеење во животната средина“ и „Биодиверзитет и заштита на природните ресурси“.
Форумот за граѓанско општество и тинк-тенк организации (CSF) го организираат Фондациите Отворено општество – Западен Балкан (OSFWB), со мандат од Владата на Албанија како актуелен претседавач со Берлинскиот процес, а во партнерство со Грчката фондација за европска и надворешна политика (ELIAMEP) и Институтот за соработка и развој (CDI). Форумот, организиран како дел од Самитот на Берлинскиот процес кој ќе се одржи во октомври 2023 година во Тирана, има за цел да ја поттикне регионалната соработка, да ги зајакне реформите поврзани со ЕУ и да го поддржи процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан.