Овој Извештај беше подготвен во рамките на истоимениот проект финансиран од ЕУ во рамките на четвртиот повик за предлог – проекти на Фондот за Западен Балкан. Проектот го спроведуваат Агенцијата за одржлив економски развој ( SEDA ) од Албанија како водечки партнер, Мрежата за животна средина на Црна Гора (ENM) од Црна Гора, како проектен партнер 1, и IPECC (ИПЕК) како проектен партнер 2.
На јавната дебата присуствуваа 20 учесници, претставници на различни здруженија на граѓани, ученици од средните училишта, претставници од бизнис заедницата како и академски претставници од УКИМ.
Анализата на одговорите добиени од страна на граѓаните покажа дека нивните размислувања се генерални, вообичаени и со веќе познат вокабулар, а воедно постои недостаток на конкретни примери на активности кои можат да се применат секојдневно. Понатаму, одговорите укажуваа и на тоа дека граѓаните не прават разлика помеѓу спречување на климатските промени и заштита на животна средина, што укажува на фактот дека постои потреба од едукација за разликата во однос на овие поими.
Како позитивна нота е генералниот заклучок на Извештајот кој укажува дека граѓаните покажуваат спремност за делување, но бараат соодветен поттик и услови.
Во вториот дел, преку модерирана дискусија, присутните имаа можност да ги искажат своите ставови и мислења во однос на клучните прашања за заштита на животната средина и спречување на климатските промени.
Како главен заклучок од дискусијата и споделените идеи за преземање на понатамошни активности се наметна потребата за подигнување на свесноста на јавноста за начините на кои секој поединец може да придонесе во решавањето на еколошките проблеми и потребата од едукација на децата од најмала возраст преку конкретни примери за еколошко однесување кон природата. Личните навики кај возрасните заменети со одржливи решенија на долг рок ќе направат промена, пренесувајќи здрави навики на идните поколенија. Дискусијата дополнително ја наметна и потребата од холистичко планирање и координација помеѓу Јавните институции со акцент на Јавните Комунални Претпријатија. Со цел преземаните активности да бидат функционални, практични и да ја постигнат саканата цел поврзана со собирањето и селекцијата на отпадот неопходно е поставување на инфраструктура за соодветно одлагање на отпадот. Вклучување на бизнис заедницата како клучен чинител во целиот синџир за заштита на животната средина треба да биде на повисоко ниво
Извештајот од јавната дебата ќе биде поставен на веб страната и споделен на социјалните медиуми на ИПЕК и проектот откако ќе биде финализиран со внесувањето на предлозите и заклучоците добиени од страна на учесниците на јавната дебата.