На 12 декември 2023 година се одржа завршниот консултативен настан со наслов „Заедно за унапредено владеење во областа животна средина и климатски промени“ во Хотел Мериот, во Скопје. Настанот беше организиран од страна на Институтот за добро владеење и политики за животна средина и климатски промени (ИПЕК), во рамки на проектот „Подобрување на доброто владеење во животната средина и климатските промени“, финансиски поддржан од страна на Европската Унија, а спроведен преку Механизмот за граѓанска отпорност.

На настанот присуствуваа 36 учесници, претставници на невладиниот сектор, локалната самоуправа и централната власт. За време на настанот беа презентирани меѓународните стандарди и практики за добро владеење во областа на животната средина и климатските промени, како и Извештајот од истражувањето на состојбите поврзани со доброто владеење во областа на животната средина и климатските промени.

Како главен предавач на темата за Меѓународни принципи, стандарди и практики беше претставникот од Европскиот Институт за Јавна Администрација (EIPA), Игор Диздаревќ, кој ги сподели активностите и опсегот на дејствување на EIPA, како и главните законски рамки, регулативи и конвенции кои се од клучно значење за доброто владеење во областа на животната средина.

Со цел прибирање на податоци за подготовка на Извештајот за моменталната состојба за доброто владеење во секторот животна средина и климатски промени во Северна Македонија, беше извршено канцелариско истражување, кое опфаќаше изработка на прашалници за Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), кои беа воедно споделени и со општините за понатамошна обработка, и беа реализирани интервјуа со раководни службеници од релевантни сектори на МЖСПП. Извештајот за моменталната состојба беше подготвен и презентиран од страна на Тони Попоски, Експерт за добро владеење во животната средина. Извештајот дополнително ќе биде финализиран согласно со заклучоците од консултативниот настан.

Со овој проект, ИПЕК имаше за цел да процени кое е моменталното ниво на разбирање за доброто владеење во животната средина и климатските промени меѓу различните засегнати страни (како што се националните и локалните власти, невладините организации и бизнис секторот), и потоа да изврши анализа како е тоа опфатено во законодавството за животна средина и практиките на националната и локалната администрација.

Финалниот Извештај дополнително ќе биде објавен на Веб страната на ИПЕК, како и електронски споделен со сите кои беа дел од консултативниот настан.