Тематската работна група „Клима и зелена агенда“, како дел од Форумот за граѓанско општество и тинк-тенк организации за 2023 година (CSF) во рамките на Берлинскиот процес, го одржа својот прв воведен состанок на 22 јуни 2023 година.

Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – Скопје (IPECC) ја предводи работната група „Клима и зелена агенда“, која што ќе го фокусира процесот на консултации на на тема „Зелени инвестиции во инфраструктурата“, со дополнителен фокус на „Добро владеење во животната средина“ и „Биодиверзитет и заштита на природните ресурси“.

Претставници од вклучените граѓански организации од земјите од Западен Балкан, како и експерти и претставници на водечките организации на Форумот разговараа за претстојните активности.

Седумнаесет граѓански организации, вклучително и IPECC, се активно вклучени во работната група „Клима и зелена агенда“. Од Косово се вклучени Меѓународен бизнис колеџ од Митровица и Фондацијата Зелен Балкан од Тирана. Од Босна и Херцеговина се Еко форум Зеница, Еко акција од Сараево и Центарот за развој и поддршка од Тузла. Од Албанија се вклучија Институтот за развој на живеалишта Ко-ПЛАН и Еколошки центар за развојно образование и вмрежување (EDEN) од Тирана. Од Црна Гора се вклучија Центарот за климатски промени, природни ресурси и енергија на Универзитетот во Доња Горица, НВО Зелен дом од Подгорица и ФОРС Црна Гора од Никшиќ. Отвореното училиште во Белград (БОШ) е претставник од  Србија, додека од Северна Македонија се вклучени Еко свест, Милеуконтакт и АРНО од Скопје, како и Германвоч од Бон, Германија.

Денион Галимуна, програмски менаџер при Фондација Отворено општество за Западен Балкан, во своето поздравно обраќање истакна дека вклученоста на ГО е доказ за посветеноста и верувањето во моќта на граѓанското општество да поттикне позитивни промени.

„Нашата главна цел е да се справиме со итните општествени прашања и верувам дека најдобро ќе го направат тоа оние кои се активно вклучени во предизвиците… Како членови на тематската работна група вашите непроценливи придонеси ќе ја обликуваат нашата колективна стратегија“ нагласи г-дин Галимуна.

Елефтериос Петропулос, претставник на ЕЛИАМЕП, истакна дека ќе обезбедат консултативна помош за сите шест тематски работни групи, преку поддршка на водечките организации во прилагодување на финалните препораки и пораки до носителите на одлуки.

Јадранка Иванова, претседателка на IPECC и експерт за приближување и законодавство за животна средина и клима, го изложи планот на активностите, кои ќе финализираат со препораки за климата и зелената агенда, а ќе им бидат презентирани на лидерите на Западен Балкан есенва, на самитот во Тирана.

„Главната тема за оваа работна група се Зелените инвестиции во инфраструктурата, но сакавме да нурнеме подлабоко и попрецизно во некои од препораките. Така, дополнително ги избравме подтемите „Добро владеење во животната средина“ и „Биодиверзитет и заштита на природните ресурси“. Сите теми се силно релевантни за да се забрза патот кон позелени економии и да се имплементира зелената агенда, а најважно е да се поттикне интеграцијата во ЕУ на земјите од Западен Балкан“ нагласи г-ѓа Иванова.

Учесниците се согласни дека предизвиците се многу значајни во сите земји од Западен Балкан, но работејќи заедно можеме да ги надминеме и да постигнеме одржлива иднина.

Овогодинешниот Форум за граѓанско општество и тинк-тенк организации (CSF) го организираат Фондациите Отворено општество – Западен Балкан (OSFWB), со мандат од Владата на Албанија како актуелен претседавач со Берлинскиот процес, а во партнерство со Грчката фондација за европска и надворешна политика (ELIAMEP) и Институтот за соработка и развој (CDI). Форумот, организиран како дел од Самитот на Берлинскиот процес кој ќе се одржи во октомври 2023 година во Тирана, има за цел да ја поттикне регионалната соработка, да ги зајакне реформите поврзани со ЕУ и да го поддржи процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан.