Во пресрет на претстојниот Самит на Берлинскиот процес во октомври 2023 година во Тирана, Институтот за добро владеење и политики во животната средина (ИППЕК) и климатските промени на 5 септември го организираше вториот тематски консултативен состанок, овој пат на тема „Добро владеење во животна средина“.

Претставниците на граѓанските организации, членки на тематската работна група „Клима и зелена агенда“, како дел од Форумот за граѓанско општество и Тинк-тенк организации за 2023 година, заедно со експерти од земјите од Западен Балкан и претставници на ЕУ разговараа за клучните прашања на доброто управувањето во животната средина, како битен фактор за забрзувањето на патот кон зелени економии, имплементацијата на Зелената агенда за Западен Балкан, интеграцијата во ЕУ и стекнувањето климатски неутрални општества.

Присутните ги поздрави Јадранка Иванова, претставник на ИППЕК, додека средбата ја модерираше од Орнела Чучи, а известувач беше Ивана Војиновиќ од Центарот за климатски промени, природни ресурси и енергија при Универзитетот во Долна Горица. На состанокот се обратија панелистите Марк Јорна, виш експерт во одделот за политика и регионална стратегија за Западен Балкан на DG NEAR на Европската комисија, Теодора Обрадовиќ Грнчаровска – државен советник одговорен за климата и специјален советник на Министерот за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Генти Џаџиу, програмски менаџер- координатор, ReSPA, Марв Барбулуши, експерт за Зелена агенда за Западен Балкан, СРЦ, Душица Перишиќ, извршен директор, Заедница на единиците на локалната самоуправа на Северна Македонија (ЗЕЛС) и Јана Белчева Андреевска, НАЛАС: Мрежа на асоцијации на локални власти од Југоисточна Европа.

Во однос на процесот на преговори со ЕУ и според ревидираната методологија за проширување на ЕУ, две поглавја, Поглавје 22 и Поглавје 27, се особено релевантни за доброто владеење во животната средина. Односно, сите земји од Западен Балкан мора да постигнат институционална компетентност и да развијат силни и посветени административни капацитети за имплементација на сложеното право на ЕУ за животната средина и климатските промени, како на национално така и на локално ниво. Исто така, подеднакво важни се и капацитетите за спроведување (инспекции, обвинители и судии) кои овозможуваат соодветно усогласување и спроведување на релевантното законодавство. Дополнително, неопходна е унапредување на административната структура одговорна за управување со ИПА фондовите на ЕУ, заедно со зајакнување на системите за контрола и ревизија за искористување на овие средства. Ефективното управување со ИПА фондовите на ЕУ, како и со оние од други донатори, се многу потребни во земјите на Западен Балкан за исполнување на барањата на ЕУ во секторот за животна средина и клима.

Учесниците се согласија дека земјите од Западен балкан треба да распределат значително повеќе човечки ресурси и да ги зголемат своите капацитети преку спроведување на специјализирани обуки, како и да ангажираат дополнителен искусен кадар на централно и на локално ниво за животна средина и климатски промени. Институционалната поставеност способна да управува со сегашните фондови на ЕУ, како и со идните кохезиони фондови е исто така клучна за интеграција во ЕУ. Учесниците, исто така, препорачуваат соработка на националните и локалните власти со универзитетите во процесот на собирање податоци, истражување и донесување одлуки, како начин да се премости недостатокот на внатрешна експертиза.

Приватниот сектор, исто така, игра значајна улога во спроведувањето на правото на ЕУ. Затоа е е многу значајно и земјите од Западен Балкан, како и ЕУ,  да го поддржат приватниот сектор во подобрувањето на еколошките перформанси, како и во пристапот до потребните финансиски средства. Понатаму, интегрирањето на целите за одржлив развој, решавањето на прашањата за миграцијата на населението и искористувањето на иновациите и донесувањето одлуки засновани на податоци се суштински елементи на доброто управување што треба да ги поддржат земјите на Западен балкан. Транспарентноста е уште еден камен-темелник на доброто владеење и таа треба да биде поддржана од владите на Западен балкан, давајќи им доволно простор за активностите на граѓанските организации.

 

Станува јасно дека патот до добро владеење во животната средина бара значителна соработка на сите нивоа на управување, бара градење капацитети и иновации како клучни двигатели за постигнување на зелените цели поставени со правото на ЕУ.

Институтот за добро владеење и политики во животната средина ја предводи тематската работна група „Клима и зелена агенда“, како дел од Форумот за граѓанско општество и Тинк-тенк организации за 2023 година во рамките на на Берлинскиот процес.

Форумот за граѓанско општество и тинк-тенк организации (CSF) го организираат Фондациите Отворено општество – Западен Балкан (OSFWB), со мандат од Владата на Албанија како актуелен претседавач со Берлинскиот процес, а во партнерство со Грчката фондација за европска и надворешна политика (ELIAMEP) и Институтот за соработка и развој (CDI). Форумот, организиран како дел од Самитот на Берлинскиот процес кој ќе се одржи во октомври 2023 година во Тирана, има за цел да ја поттикне регионалната соработка, да ги зајакне реформите поврзани со ЕУ и да го поддржи процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан.