Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) го спроведуваат проектот „Изработка на Првиот Двoгодишен Извештај за Транспарентност (БТР1) и комбинираниот Втор Двoгодишен Извештај за Транспарентност (БТР2) и Петта Национална Комуникација (НК5) на Република Северна Македонија за климатски промени во рамки на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC)“ – (ГЕФ проект).
Институтот за добро владеење и политики во животна средина и климатски промени ИПЕК – Скопје, од април годинава е назначен како една од одговорните страни за имплементација на проектот.

Целта на проектот е да и помогне на Република Северна Македонија во подготовката и доставувањето на два значајни извештаи за исполнување на барањата од Зајакнатиот рамковен систем за транспарентност (ETF) во рамки на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени и Парискиот договор.

Интервенциите на ИПЕК се усогласени со целите на ГЕФ проектот – да се овозможи Република Северна Македонија да го подготви и достави БТР1 како самостоен извештај, а БТР2 заедно со Петтата Национална Комуникација како комбиниран извештај, со фокус на зајакнување на управувањето со климатските промени. Овие интервенции се дизајнирани да обезбедат јасен преглед на моменталната состојба на владеењето со климатските промени и системот за следење, известување и верификација (MRV) во рамки на БТР1, да постават основа за активности за развој на капацитетите и да покажат конкретни резултати преку БТР2/НК5.

Затоа, тимот на ИПЕК, во соработка со МЖСПП и УНДП, спроведува сеопфатна проценка на состојбата со климатското владеење и механизмот за следење, известување и верификација. Активностите за развој на капацитетите во рамки на проектот ќе бидат дизајнирани врз основа на наодите од оваа проценка. Во консултација со МЖСПП и УНДП, ИПЕК во рамки на ГЕФ проектот ќе предложи и три најитни подзаконски акти што произлегуваат од Нацрт-законот за климатска акција.

Дополнително, ќе биде подготвен детален Извештај за синергиите помеѓу ГЕФ проектот, Европскиот зелен договор и Зелената агенда за Западен Балкан, истакнувајќи ги можните области на усогласување и можностите за финансирање, со цел подобрување на спроведувањето на усвоените климатски политики, во согласност со целите на двете иницијативи.

Со овие координирани напори, ИПЕК ја потврдува својата посветеност кон поддршка на Северна Македонија во зајакнувањето на климатското владеење, подобрувањето на транспарентноста и усогласувањето на националните активности со меѓународните климатски цели.

Оваа содржина е креирана од страна на Институтот за добро владеење и политики во животна средина и климатските промени (ИПЕК) – Скопје. Изразените ставови и мислењата се оние на авторот и не нужно ги одразуваат ставовите на УНДП и/или ГЕФ.