Во Скопје, на 3 јуни 2026 година во хотел „Стоун Бриџ“ се одржа Тренинг Модул 2 на тема „Основи на системот за следење, известување и верификација (MRV) и Подобрената рамка за транспарентност (ETF)“.
Тренингот беше организиран како дел од програмата за градење капацитети развиена врз основа на Проценката на потребите од обуки и Тренинг планот за MRV и управување со климатските промени. Целта на тренингот беше да придонесе кон зајакнување на институционалните и техничките капацитети потребни за воспоставување и функционирање на ефикасен систем за климатска транспарентност во согласност со барањата на Парискиот договор и Подобрената рамка за транспарентност (ETF).
Во своите воведни обраќања, претставниците на проектот ја нагласија важноста на координираниот институционален пристап и континуираното градење на капацитетите за исполнување на националните и меѓународните обврски во областа на климатските промени.
Во рамките на тренингот беа презентирани клучни теми поврзани со функционирањето на националниот MRV/ETF систем, институционалните обврски и координацијата во процесот на подготовка на двогодишните извештаи за транспарентност (BTR), примената на принципите TACCC, како и известувањето за политики и мерки и проекции. Учесниците активно се вклучија во дискусиите и разменија искуства за предизвиците и можностите за понатамошно унапредување на системот за климатска транспарентност.
Дополнително, беа разгледани пристапите, алатките и методологиите за интегрирање на климатските промени во националните политики и плански документи, како и улогата на истражувањето, иновациите и технолошкиот развој во процесот на климатска транзиција и подготовката на извештаите за транспарентност. Посебно внимание беше посветено и на значењето на родовата перспектива во креирањето и спроведувањето на климатските политики и активности.
Тренингот претставува втор од вкупно шесте приоритетни модули за обука, кои претставуваат основен пакет за градење капацитети неопходен за воспоставување и унапредување на климатското управување, системот за мониторинг, известување и верификација, транспарентното известување, како и за идното спроведување на Законот за климатска акција што е во фаза на изработка.
Преку ваквите активности се создава цврста основа за подобрена координација, поефикасно известување и поголема транспарентност во спроведувањето на климатските политики на Северна Македонија.
На тренингот учествуваа околу 35 претставници на релевантни институции, членови на поширока проектна работна група за климатски промени формирана од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), експерти во областа и одговорните страни за реализација на проектот.
Тренингот е дел од проектот „Развој на првиот двогодишен извештај за транспарентност на Северна Македонија и комбинираниот втор двогодишен извештај за транспарентност и петтиот национален извештај за климатските промени во рамките на UNFCCC (BTR1 и BTR2/NC5)“. Проектот се спроведува со поддршка на ГЕФ, каде УНДП е имплементатор, МЖСПП е имплементациски партнер, а ИПЕК е една од ангажираните страни за реализација на проектните активности.









