На 28 октомври 2026 година, во Скопје, се одржа работилница посветена на презентирање на дел од нацрт-подзаконски акти, односно правилници што произлегуваат од Предлог-законот за климатска акција, со фокус на воспоставувањето и операционализацијата на системот за мерење, известување, верификација и акредитација (MRV/MRVA) на емисиите на стакленички гасови.
Во рамки на работилницата беше презентиран нацрт Правилникот со кој се пропишуваат барањата што треба да ги исполнува верификаторот, општите и посебните барања за компетентност кои треба да ги исполнуваат лицата кои вршат верификација, начинот на верификација, како и формата, содржината и начинот на подготовка на Извештајот за верификација на Годишниот извештај за емисии на стакленички гасови на Оператор на стационарна инсталација и Оператор на воздухоплов. Посебно внимание беше посветено и на нивната усогласеност со Регулативата за спроведување (ЕУ) 2018/2067 на Европската комисија, како и на прибирањето коментари и повратни информации од засегнатите страни, со цел дополнително унапредување на предложените решенија пред нивното усвојување.
Работилницата се реализираше како дел од проектот „Развој на првиот двогодишен извештај за транспарентност на Република Северна Македонија и комбинираниот втор двогодишен извештај за транспарентност и петтиот национален извештај за климатските промени во рамките на UNFCCC (BTR1 и BTR2/NC5)“.
Покрај подзаконските акти, на учесниците им беше презентиран и сумарен преглед на нацрт Инвентарот на стакленички гасови за периодот 2023–2024 година, како и нацрт Извештајот за проценка на технолошките потреби за ублажување и адаптација кон климатските промени, изготвен во рамки на истоимениот проект.
Работилницата беше поддржана од експерти со различна стручност во областите на климатското законодавство и управување, MRV/MRVА системот, интегрирањето на климатските аспекти во секторските политики, родовата еднаквост и високото образование.
Значаен дел од работилницата беше посветен на отворени дискусии и интеракција, каде преку активно учество, претставниците на институциите, невладините организации, приватниот сектор и други засегнати страни, имаа можност да поставуваат прашања, да ги разгледаат практичните аспекти на предложените законски решенија и да дискутираат за предизвиците поврзани со нивната идна примена.
На работилницата присуствуваа околу 40 претставници на засегнатите страни. Настанот претставуваше уште еден чекор во процесот на зајакнување на институционалните и техничките капацитети во областа на климатската акција, придонесувајќи кон подобро разбирање на институционалните улоги, одговорности и механизми неопходни за ефикасно спроведување на националните климатски политики и исполнување на меѓународните обврски на државата.
Проектот е поддржан од Глобалниот еколошки фонд (GEF), каде Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) е имплементатор, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) е имплементациски партнер, додека ИПЕК е една од ангажираните страни за реализација на дел од проектните активности.

.









