Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), со поддршка на Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП), во рамки на ГЕФ6 проектот „Промовирање на одржливо управување со земјиштето преку јакнење на правната и институционалната рамка, градење на капацитетите и обновување на најранливите планински предели“, а во соработка со Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени (ИПЕК) кој е партнер за имплементација, организираше работилница на тема „Стратешка и правна рамка за управување со почвите“, која се одржа на 15 јуни 2026 година во Скопје.
Работилницата претставуваше значаен чекор во процесот на унапредување на националната правна рамка за заштита и одржливо управување со почвените ресурси. На настанот беа презентирани и дискутирани Предлог-стратегијата за управување со почвите и Предлог-законот за заштита на почвите, со цел да се поттикне конструктивна дебата и размена на мислења меѓу претставниците на надлежните институции, академската и експертската јавност, граѓанските организации и другите засегнати страни.
Во текот на дискусиите беше истакната важноста од воспоставување сеопфатен и интегриран пристап кон заштитата на почвите, како еден од клучните природни ресурси за обезбедување на одржлив развој, безбедност на храната, зачувување на биодиверзитетот и справување со последиците од климатските промени.
Овој закон ќе воспостави современа правна рамка за заштита, мониторинг, одржливо користење и обновување на почвените ресурси во Република Северна Македонија. Предложените законски решенија имаат за цел да придонесат кон поефикасно управување со почвите, спречување на нивната деградација, како и подобрување на координацијата меѓу институциите надлежни за оваа област.
Дополнително, новата законска рамка ќе овозможи усогласување со европското законодавство и исполнување на меѓународните обврски на државата во областа на заштитата на почвата, како и придонес кон остварување на целите за неутралност во деградацијата на земјиштето до 2030 година.
Учесниците на работилницата дадоа значајни предлози и препораки кои ќе бидат земени предвид во понатамошната финализација на стратешките и законските документи, со цел воспоставување ефективен систем за заштита и одржливо управување со почвите во државата.











