На 14 мај 2026 година, во Хотел Парк во Скопје, успешно се одржа првиот тренинг модул на тема „Политики и управување со климатските промени“ организиран во рамките на проектот „Развој на првиот двогодишен извештај за транспарентност на Северна Македонија и комбинираниот втор двогодишен извештај за транспарентност и петтиот национален извештај за климатските промени во рамките на UNFCCC (BTR1 и BTR2/NC5)“.

Тренингот е дел од серијата од шест приоритетни модули за обуки, кои претставуваат основен пакет за градење капацитети неопходен за воспоставување и унапредување на климатското управување, системот за мониторинг, известување и верификација, транспарентното известување, како и за идното спроведување на Законот за климатска акција што е во фаза на изработка. Обуките се дизајнирани да бидат прогресивни, секвенцијални и комплементарни, обезбедувајќи рана политичка поддршка и придонесувајќи кон јакнење на техничката, правната, регулаторната и секторската подготвеност на сите чинители.

Настанот беше отворен со поздравни обраќања од страна на д-р Теодора Обрадовиќ Грнчаровска, државен советник за климатски промени во Министерството за животна средина и просторно планирање и Г-дин Јоже Јовановски, раководител на проект од УНДП. Воедно, беше презентиран и преглед на проектните активности од страна на Г-ѓа Андријана Ристовска Костовска, раководител на проект во ИПЕК.

Во текот на тренингот, учесниците имаа можност да се запознаат со:

  • политиките за климатски промени и процесите во рамки на UNFCCC и согласно Договорот од Париз;
  • следењето и известувањето за климатските активности;
  • меѓународните и националните климатски обврски и нивната усогласеност со ЕУ политиките;
  • состојбата со климатското управување и системот за мониторинг, известување и верификација во Република Северна Македонија;
  • важноста на комуникацијата на климатските политики и реформите кон пошироката јавност, на јазик и поими разбирливи за обичните граѓани и младите.

Предавањата и дискусиите ги водеа експертите Г-ѓа Данијела Божаниќ, Г-ѓа Елена Гаврилова Димитровска и Г-ца Елена Симоновска.

Тренингот овозможи конструктивна размена на искуства и мислења помеѓу институциите и експертите, придонесувајќи кон унапредување на националните капацитети за климатско управување и исполнување на обврските за транспарентност во областа на климатските промени.

На тренингот учествуваа околу 50 претставници  на релевантни институции, членови на поширока проектна работна група за климатски промени формирана од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), експерти во областа и одговорните страни за  реализација на проектот.

Проектот се спроведува со поддршка на ГЕФ, каде УНДП е имплементатор, МЖСПП е имплементациски партнер, а Институтот за добро владеење и политики во животна средина и климатски промени – ИПЕК Скопје е една од ангажираните страни за реализација на проектните активности.