Тренинг модулите 4 и 5, посветени на воспоставување системот за следење, известување, верификација и акредитација (MRVA) – правни барања и индустриски сектор, верификација и подготвеност за механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод (CBAM), се одржаа на 8 и 9 јули 2026 година, во Скопје.

На тренингот учествуваа повеќе од 35 учесници, меѓу кои претставници на релевантни институции, членови на пошироката проектна работна група за климатски промени формирана од Министерството за животна средина и просторно планирање, експерти од областа, како и претставници на организациите вклучени во спроведувањето на проектот.

Обуките беа организирани во рамките на проектот „Развој на првиот двогодишен извештај за транспарентност на Северна Македонија и комбинираниот втор двогодишен извештај за транспарентност и петтиот национален извештај за климатските промени (BTR1 и BTR2/NC5)“, кој се спроведува со поддршка на ГЕФ, каде УНДП е имплементатор, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) е имплементациски партнер, а ИПЕК е една од ангажираните страни за реализација на проектните активности.

Настанот го отворија претставници на МЖСПП и УНДП, кои ја истакнаа важноста од јакнењето на националните институционални капацитети за спроведување на новата климатска регулатива и исполнување на обврските што произлегуваат од Парискиот договор и процесот на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија.

Првиот ден беше фокусиран на правните аспекти на системот за MRVA, при што беа презентирани клучните одредби од Предлог-законот за климатска акција, националниот MRVA систем, рамката на EU ETS, правилниците за верификација на емисиите на стакленички гасови, како и системот за акредитација на телата за верификација. Посебно внимание беше посветено на институционалните надлежности и предизвиците во практичната имплементација..

Вториот ден беше посветен на индустрискиот сектор и подготовките за примена на механизмот CBAM. Преку презентации и интерактивни дискусии беа обработени теми поврзани со функционирањето на EU ETS, мониторингот и известувањето за емисиите на стакленички гасови, процесот на верификација, националната институционална рамка, како и поврзаноста помеѓу EU ETS и CBAM и нивното значење за домашната индустрија.

Обуките ги водеа домашни и странски експерти од областа на климатските политики, законодавството, индустриските емисии, верификацијата и акредитацијата, кои преку практични примери и отворени дискусии придонесоа за продлабочување на знаењата и размена на искуства помеѓу претставниците на релевантните институции.

Овие тренинг модули претставуваат дел од пошироката програма за градење капацитети за климатско управување и воспоставување на функционален национален систем за мониторинг, известување, верификација и акредитација, со цел обезбедување усогласеност со европското законодавство и исполнување на меѓународните обврски на Северна Македонија во областа на климатските промени.

Министерството за животна средина и просторно планирање, УНДП и ИПЕК и понатаму ќе продолжат со спроведување на планираните активности за јакнење на институционалните и техничките капацитети, како значаен придонес кон унапредување на националниот систем за климатско управување и успешна имплементација на идниот Закон за климатска акција.