На 16 и 17 септември 2026 година, во Скопје, се одржа дводневен тренинг посветен на спроведувањето на Законот за климатска акција, како и на адаптацијата и отпорноста кон климатските промени.

Тренингот ги опфати Модул 3: „Спроведување на Законот за климатска акција“ и Модул 6: „Адаптација и отпорност на климатските промени и воспоставување национален механизам за координација на адаптацијата“ од планот за Обуки подготвен од страна на ИПЕК.

Тренинзите обезбедија можност учесниците да се запознаат со клучните аспекти поврзани со идното спроведување на климатската регулатива, институционалната поставеност, системите за известување и координација, како и со потребата од интегрирање на климатските прашања во различни секторски политики и процеси на планирање.

Модул 3 – Спроведување на Законот за климатска акција

Тренингот одржан на 16 септември, беше посветен на практичните и институционалните аспекти на спроведувањето на Законот за климатска акција.

Во рамки на модулот беше даден преглед на Предлог-законот за климатска акција, со посебен осврт на насоките кон климатска неутралност и одржливост на бизнисите. Беа разгледани и обврските за известување за емисиите на стакленички гасови од страна на јавните институции, вклучително и подготовката на инвентари, политики и мерки, проекции и следење на исполнувањето на климатските цели во согласност со националните, европските и меѓународните барања.

Посебно внимание беше посветено на предложената платформа за координација и комуникација за MRV-A, вклучително и управувањето, тековите на информации и дигиталната архитектура.

Учесниците имаа можност да се запознаат и со новата институционална поставеност за климатско управување во рамки на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и со пристапите за интегрирање на климатските активности во секторското планирање согласно предлог-законските решенија.

Модул 6 – Адаптација и отпорност на климатските промени

Тренингот на 17 септември, беше посветен на адаптацијата и отпорноста кон климатските промени и воспоставувањето национален механизам за координација на адаптацијата.

Во текот на овој модул беше разгледан националниот контекст на адаптацијата кон климатските промени и институционалните потреби за воспоставување ефикасен механизам за координација. Посебно внимание беше посветено на мониторингот, евалуацијата и известувањето за адаптацијата, како значајни елементи за следење на напредокот и ефектите од мерките за адаптација.

Како дел од поширокиот пристап кон климатското управување, беше разгледано и интегрирањето на родовата еднаквост во Законот за климатска акција, со дискусија за значењето на родовата перспектива во климатските политики и за нејзиното усогласување со релевантните меѓународни рамки.

Тренингот опфати и тема поврзана со улогата на високото образование и лидерството во областа на климатската адаптација, со акцент на интегрирањето на климатските промени во високото образование, истражувањето и иновациите.

Тренингот беше реализирана со поддршка од експерти од различни области поврзани со климатските промени, климатското управување, MRV системот, институционалниот развој, климатското интегрирање, родовата еднаквост и високото образование.

Покрај презентациите, значаен дел од програмата беа отворените дискусии, размената на искуства и практичната работа, овозможувајќи им на учесниците активно да се вклучат во разгледувањето на предизвиците и можностите поврзани со спроведувањето на климатската регулатива и воспоставувањето механизми за адаптација.

На секој од овие два тренинзи присуствуваа по околу 35 претставници. Тренинзите придонесоа кон продолжување на процесот на градење институционални и технички капацитети во областа на климатските промени и кон подобро разбирање на улогите, обврските и механизмите потребни за ефикасно спроведување на климатските политики и исполнување на националните и меѓународните обврски на Северна Македонија.

Тренингот е дел од проектот „Развој на првиот двогодишен извештај за транспарентност на Северна Македонија и комбинираниот втор двогодишен извештај за транспарентност и петтиот национален извештај за климатските промени во рамките на UNFCCC (BTR1 и BTR2/NC5)“.

Проектот се спроведува со поддршка на ГЕФ, каде УНДП е имплементатор, МЖСПП е имплементациски партнер, а ИПЕК е една од ангажираните страни за реализација на проектните активности.