Соработката и инвестирањето во одржлива инфраструктура, заштита на животната средина и реформи во управувањето, може да поттикнат поодржлива и еколошки одговорна иднина за Западен Балкан
Исполнувањето на барањата на Европската Унија за екологија и клима, како и почитувањето на заложбите на Зелената агенда, беа клучни теми на дискусија на панелот „Зазеленување на Западен Балкан: Обединување за одржлива инфраструктура, заштита на биолошката разновидност и ефективно управување“. Панелот го организираше Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени (ИПЕК) како дел од Форумот за граѓанско општество одржан во Тирана. Панелот кој го водеше Јадранка Иванова, претседател на ИПЕК, обедини експерти и високи претставници од Западен Балкан со цел да ги посочат предизвиците во животната средина и одржливиот развој во регионот.
Сабит Гаши, вршител на должноста Директор на Одделот за енергетика при Министерството за економија, ја сподели амбициозната визија на Косово за производство на вишок енергија од соларни извори до 2030 година. Сепак, оваа визија бара значителни инвестиции и административен капацитет за спроведување на ефективна енергетска политика.
Радица Коцева, експерт за управување со ИПА, го истакна клучниот предизвик за зајакнување на човечките ресурси, за градење и задржување на вештините за одржливост. Таа посочи дека за ефикасно искористување на ЕУ фондовите проектите треба да бидат усогласени со владините програми, да се фокусираат на зелени инвестиции и да промовираат транспарентност и одговорност. Од страна на ЕУ, ефикасноста на распределбата на финансиите би можела да се подобри со модифицирање на претпристапните инструменти со цел ниво поблиско усогласување со механизмите на структурните фондови и фокусирање на капацитетот за ефективно искористување на овие средства.
Советникот на премиерот на Република Северна Македонија, Јоханес Хајдекер, ја истакна важноста од балансирање на економскиот раст и заштитата на животната средина, посочувајќи дека повисок БДП може да се постигне со создавање на усогласеност меѓу заштитата на животната средина и растот.
Петрика Дулгеру претседател на одборот на “Иницијатива за економски развој на Ромите”, се осврна на потребата од пристап насочен кон луѓето во зелените иницијативи и важноста од соработката на државните власти со локалните заедници. Тој ја нагласи клучната улога што ја играат невладините организации при соработката со локалните заедници, иако нивното влијание е ограничено поради потпирањето на финансирање од донатори. Дулгеру истакна дека Западен Балкан има голем потенцијал за производство на енергија од обновливи извори, особено соларна енергија. Неопходно е да се направат овие технологии за производство на енергија достапни и прифатливи и за ранливите заедници, како што се Ромите.
Според Мирјам де Конинг, извршен директор на Фондот за природа „Преспа – Охрид“, на заштитените подрачја на Западен Балкан им се потребни инвестиции за да се обезбеди ефикасна заштита и управување. Приходите од туризмот треба да се реинвестираат во зачувување на природните средини, а помладата генерација треба да се образува за вредноста на природата и значењето на биолошката разновидност.
Црна Гора има постигнато извонреден напредок во заштитата на животната средина, обновливите извори на енергија, климатските промени и Поглавјето 27 за интеграција во ЕУ. Црногорскиот Еко фонд, со буџет од 9,3 милиони евра во 2023 година, поддржува различни иницијативи како што се електрични возила, фотоволтаични панели, енергетска ефикасност, ЛЕД осветлување и управување со отпад, изјави Драшко Бољевиќ, извршен директор на Еко фонд. Посветеноста на земјата за одржливост на животната средина е очигледна во нејзиниот проактивен пристап и соработка со Зелениот климатски фонд за справување со климатските предизвици и промовирање на одржливиот развој.
Прочитајте ги сите препораки на следниот линк: https://wb-csf.eu/publications-csf/key-recommendations-of-the-thematic-working-group-on-climate-and-green-agenda
Форумот за граѓанско општество и тинк-тенк организации (CSF) го организираат Фондациите Отворено општество – Западен Балкан (OSFWB), со мандат од Владата на Албанија како актуелен претседавач со Берлинскиот процес, а во партнерство со Грчката фондација за европска и надворешна политика (ELIAMEP) и Институтот за соработка и развој (CDI). Форумот, организиран како дел од Самитот на Берлинскиот процес кој ќе се одржи во октомври 2023 година во Тирана, има за цел да ја поттикне регионалната соработка, да ги зајакне реформите поврзани со ЕУ и да го поддржи процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан.